Крајот на месец јуни со оние „поситни“ пожари во селата во Општина Чешиново Облешево, делуваше мирно, но затоа јули започна пеколно.
Се започна, односно овој месец, со пожарот на плацот со автобуси на 01.07.2025. ДПД Кочани учествуваше со едно возило и еден член како поддршка за ТППЕ Кочани во 3 часот по полноќ. Истиот ден, но попладнето кај 18:00 часот еден наш член со едно возило беше на запалено стрниште во непосредна близина на пчеларник кој беше спасен во последен момент.
Вчера, 03.07.2025 беше денот Д оваа сезона за кој се надеваме дека ќе биде најголемиот пожар оваа сезона. Се започна нешто пред 13:00 часот кога добивме повик за мобилизација на единицата поради пожар на фабрика за стиропор. За краток период се мобилизиравме и 7 наши члена со две возила се упативме кон опожарениот објект, но за среќа немаше потреба од интервенција со оглед на тоа што екипите на ТППЕ Кочани успеаа да го стават под контрола.
Неполн час потоа ондово голема мобилизација на ДПД Кочани. Безмалку цела интервентна единица, поточно 20 наши члена со 4 возила интервенираа на пожарот на потег од Диви Градби – Просечено – Припор. На истиот се дејствуваше до паѓање на мракот, нешто пред 21:00 часот. Со оглед на тоа што останат активен, денес, 04.07. 2025 се дејствуаше одново.
И тоа рано в зори од 05:00 часот. ДПД Кочани беше присутно со 6 члена и 2 возила. Пожарот одново утрово гореше на два крака – во близина на фабриката за вода и над Припор. Но релативно брзо, за неколку часа беше ставен под контрола. Но како температурите растеа, а ветерот дуваше, на одредени жаришта истиот повторно се активираше и во неколку наврати интервениравме во текот на денот, за да во 19:00 часот истиот биде комплетно ликвидиран.
Но тоа не беше се за денес, во доцните попладневни часови дојава за нови два пожари. Во атар на село Теранци и во атар на село Зрновци кој беше со поголем обем и беа потребни повеќе луѓе и возила. Па така на пожарот во село Зрновци каде гореше лозје, овоштарник и ниски дрвја, ДПД Кочани дејствуваше со едно возило и 7 наши члена. Денес некои наши членови на терен беа непрекинато дури 15 часа.
Во оваа прилика сакаме да се заблагодариме на одличната и кординирана поддршка и соработка со ТППЕ Кочани, ТППЕ Виница, ТППЕ Пробиштип, ТППЕ Штип, ДПД Виница ( и двата дена беа присутни), екипите на Национални шумпи, Шумска полиција како и на приватната компанија Техком која беше вклучена со нивно специјализирано возило, месното население, односно цивили и секако иако на крај, но мошне заслужни и хеликоптерската единица на МВР која делуваше еден ден.