ДПД Кочани | Доброволно противпожарно друштво Кочани

Делегација на МВР предводена од Министерот Панче Тошковски денес во посета на ДПД Кочани и ТППЕ Кочани

Делегација на МВР предводена од Министерот Панче Тошковски денес во посета на ДПД Кочани и ТППЕ Кочани. Првиот човек на Министерство за внатрешни работи, Панче Тошковски денес го посети Кочани,  а во склоп на тоа ги посети ДПД Кочани и ТППЕ Кочани. Министерот го посети домот на ДПД Кочани, односно просториите кои што ги користи од Општина Кочани. Во оваа прилика тој имаше можност да се запознае со ресурсите на ДПД Кочани, како технички, во опрема и возила, така и човечки.

Притоа потенцираше дека е пријатно изненаден од возниот парк, како и човечките ресурси кои што ги посеудва едно ДПД, во случајот ДПД Кочани.

Воедно делегацијата на МВР го посети ТППЕ Кочани и нивните простории каде што се одржа заеднички состанок со претставници од МВР, ТППЕ Кочани и ДПД Кочани на кој беше разговарано за моменталната состојба на единиците од Кочани за справување со пожари и други елементарни непогоди. 

На истата беа присутни Претседателот на ДПД Кочани, Златко Илијев, командирот на ДПД Кочани, Дејан Минов, Командирот на ТППЕ Кочани, Драган Апостолов и заменик командирот на ТППЕ Кочани, Сашко Мијалов. Како и Министерот на МВР, Панче Тошковски,  Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев , Началничката на ОВР Кочани, Марија Маневска и Началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски.

Во дискусијата, од страна на Министерот Тошковски, кој е  претседавач на  Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, беше истакнато дека токму развојот и омасувањето на Доброволните друштва треба да биде залог за иднина во борбата со полските и шумските пожари.

Притоа од страна на ТППЕ Кочани и ДПД Кочани беа посочени недостатоците и слабостите со кои се соочуваат овие две институции во нивното нормално функционирање. Од страна на првиот човек на МВР беше истакнато дека и тие се свесни и веќе се работи за исчекор напред кога станува збор борбата со пожарите.

За крај од име на ДПД Кочани, односно од сите наши членови сакаме да изразиме благодарност за одвоеното време и пред се желбата и интересот на Министерот Тошковски да не посети и одблиско, лице во лице и на терен да се запозне со нас, нашите капацитети и активностите кои ги вршиме.

Споделете не на: