Понеделник, ден за сумирање на впечатоци – Прославивме 3-ти роденден со втор меѓународен противпожарен натпревар – Kocani Fire Challenge 2024.
Изминатиот викенд со неколку настани беше одбележена тригодишнината од формирањето на успешната приказна која се претвори во бајка, наречна ДПД Кочани. Пред три години, на 15-ти септември 2021 година започнавме скромно, но амбициозно, а сега без лажна скромност може да кажеме дека со таа амбициозност која беше звезда водилка направивме многу.
Вo саботата Кочани, а воедно и Македонија беа центарот на случувањата кога станува збор за пожарникарството (гранка од општеството која летово и тоа како се виде нејзиното значење во Македонија).
Во рамки на Kochani Fire Challenger 2024 силите ги одмерија 8 екипи од Македонија, Бугарија, Србија и Словенија. Најуспешна беше екипата на ДВД Петроварадин од Србија, а пиедесталот го комплетираа ПГД Рогашка Слатина од Словенија и екипата на Рафинерија ОКТА од Македонија. Учество зедоа и ДВД Стеван Сингелиќ Ниш од Србија, АРЕС Софија од Бугарија, ТЕРЕЗ Софија од Бугарија и ДПД Архангел Битола.
ДВД Стевам Сингелиќ имаше и женска екипа, па во оваа прилика сакаме особено да ги поздравиме и пофалиме. Притоа за издвојување е и податокот што ДПД Архангел настапи со најмлада екипа која воедно и ветува многу за иднина.
Покрај натпреварувачкиот дел, овој настан беше искористен да се разменат вештини и искуства помеѓу друштвата и притоа да се направат разговори за развивање идни соработки. Особено со друштвата од ЕУ, како од Словенија, така и од Бугарија чии знаење и ресурси се понапредни и посовремени, а и тие како и ние во Македонија имаа пеколна сезона на шумски пожари. Се зборуваше за искуствата, начините, пристапите за гаснење, се споделува искуства од терен што секако ќе бидат од полза.
Паралелно со главниот натпревар се одржа и мини олимпијада за најмалите на која учество зедоа сите основни училишта од Општина Кочани, Општина Зрновци и Општина Чешиново – Облешево како и извидниците од Ластовица.
Благодарност и до генералните спонзори на четирите полигони, Антура МК, Амфенол, АутоВелт и Здружение на возачи Кочани. Во организација и поддршка на настанот беа вклучени и ТППЕ Кочани, МВР – ОВР Кочани, ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност Кочани и Општина Кочани за кои изразуваме исто така едно големо фала како и за сите други кои директно или индиректно беа помагатели и поддржувачи.
Летвичката е крената, догодина се надеваме се гледаме во уште поголем број во што сме уверени по позитивните реакции на сите учесници кои се одважија на нашата покана и го збогатија настанот.
Споделете не на: